Законот за заштита на личните податоци пропишува пакет начела кои налагаат обработката на лични податоци да биде законска, правична и транспарентна. Примарниот фокус на законот се физичките лица како поединци, односно граѓанинот е ставен во центарот на заштитата на личните податоци, додека правните лица (во својство на контролори) и Агенцијата за заштита на личните податоци се фокусираат на одржување и остварување на неговите/нејзините права кои се гарантирани со ЗЗЛП. Компаниите и институциите како контролори се обврзани, меѓу другото, детално да објаснат кои лични податоци ги собираат, за која цел и врз кој правен основ, како и кој ги користи личните податоци, и какви мерки применуваат за заштита на личните податоци. Конкретниот начин на кој компаниите/ институциите ја исполнуваат нивната законска обврска за информирање на субјектите на лични податоци (клиенти, вработени, соработници…) за нивните права е избор на самата компанија/институциите, се разбира, под услов таа да ги исполни сите барања пропишани во ЗЗЛП (членови 16, 17 и 18), што е предмет на елаборација во овој Водич. Во таа насока, на физичките лица треба да им се обезбедат релевантни информации во форма на посебен документ како што е Политиката за приватност.